
Горна Белица – од наследство до развојни перспективи
26/11/2024Концептот на „создавање места“ (анг. ‘placemaking’) потекнува од 70-тите години на минатиот век, кога урбанисти и активисти како Јан Гел, Џејн Џејкобс, Фред Кент и Вилијам Х. Вајт промовираа нови идеи за обликување на градовите и зголемување на јавни простори. Во 1975 година, Фред Кент ја формира непрофитната организација Проект за јавни простори (енг. Project for public spaces – PPS). Според организацијата, „создавањето места“ е колаборативен процес кој ги ангажира луѓето во создавањето и одржувањето на нивната заедница: места каде што луѓето се рекреираат, купуваат, собираат, комуницираат и, најмногу од сè, создаваат социјални и емотивни врски што ја одржуваат заедницата”. (PPS, 2015).
Концептот „создавање места“ го користат урбанисти, планери, архитекти и пејзажни архитекти од 70-тите години, но во последните две децении добива популарност и кај општата популација. Создавањето места претставува концепт за планирање, обликување, управување и развој на јавни простори. Постојат четири типа: стандарден, тактички, креативен и стратешки. (сл.1). Секој од овие четири типа е различен, во зависност од начинот на обликување на формата на просторот, неговата употреба и функција, како и потребите на жителите и општествените можности. Сите видови се создадени за да се реализираат потесни цели.
Слика 1 – 4 типови на создавање места (извор: Wyckoff, 2014)
- Стандардно создавање места
Целиот концепт на создавање места е и урбанистички процес и филозофија фокусирана на набљудување, слушање и поставување прашања на луѓето кои ги користат јавните простори за да се разберат нивните потреби за тие простори, но и за целата заедница. Клучен елемент за имплементација на овој концепт е соработката со заедницата за да се создаде јасна визија за местата што ги сметаат за важни за нивниот живот и секојдневно искуство. Стандарден начин на создавање места опфаќа широк спектар на проекти и активности што ги спроведуваат јавни, непрофитни и приватни сектори. Вообичаени проекти вклучуваат подобрување на улици и фасади, рехабилитација на станбени простори, подобрување на зелени површини, и одржување на јавни простори како тротоари, плоштади, паркови и кејови (Wyckoff, Neumann, Pape & Schindler, 2015).
- Тактичко создавање места
Oвај тип е познат под неколку термини како герила урбанизам (енг. Guerrilla urbanism), поп-ап урбанизам (енг. Pop-up urbanism) или урбанизам – направи сам (енг. D.I.Y. urbanism) (Lyndon et al. 2012).
Најприфатената дефиниција гласи: “Тактичко создавање места е процес на создавање квалитетни простори преку намерен и фазен пристап за физичка промена или повторна активација на просторот со краткорочна посветеност и реални очекувања со ниски трошоци” (MSU, Placemaking as an economic development tool 2015: 411).
Активностите за тактичко создавање места се поделени на проекти и активности. Проектите претставуваат краткорочни интервенции кои можат да ги трансформираат недоволно искористените јавни простори во динамични места преку употреба едноставни ресурси, нудејќи можност да се експериментира и да се покаже што може да се постигне во просторот, како што се: стеснување или пренаменување на коловозните ленти, привремена пренамена на запуштени објекти, интервенција и подобрување на улици, а активностите вклучуваат поставување урбана опрема на неискористени јавни простори, воведување нови активности во просторот (тестирање нови идеи), пренамена на паркинг места, организирање настани на јавни простори.
Слика 2 – тактички урбанизам во Минхен
- Креативно создавање места
Овој тип опфаќа проекти и активности кои се фокусираат на уметноста, културата и креативноста за да помогнат во создавање места каде што луѓето ќе живеат и работат. Карактеристично е тоа што е добро прилагоден за воведување уметност и култура во места преку (ре)дизајн на физичкиот простор, уметничко-просторни структури и инсталации, креативни, културни и забавни активности и перформтивна уметност. Исто така, овозможува вмрежување на луѓето (како уметнички работници), уметноста (како гранка на стопанството) и физичкиот простор во градот. Со поврзување на креативните уметници со локалните напори за создавање места и користење на уметноста, културата и забавата за активирање на просторите, заедницата може да ја продлабочи својата посветеност и успех во квалитетното создавање на места, бидејќи овој тип има голем потенцијал за ангажирање луѓе во процес на подобрување на заедницата (Wyckoff et al.: ibid.).
Креативниот тип на создавање места посветува посебно внимание на зелените јавни површини – парковите. Тоа е кооперативен процес заснован на заедницата кој користи уметност и културен израз за создавање или ревитализација на паркови и отворени простори, а со тоа продлабочувајќи го чувството за место и поттикнувајќи ја оддржливоста на заедницата (Clarke, 2017).
Слика 3 – креативно создавање на места во културниот центар во Перт, Австралија
- Стратешко создавање места
Главниот фокус на стратешкото креирање места е економскиот развој и привлекувањето и задржувањето на талентите. Тој се користи фазно и постепено за да се постигнат конкретни цели за економски развој – создавање привлечни места за талентирани работници. Се заснова на постулатот дека кога ќе почнат да се собираат талентирани работници, ќе следат нови бизниси и работни места.
Примената на стратешкото создавање места може да биде клучен елемент за постигнување социјална одржливост. Овој тип на интервенција им помага на заедниците да привлечат и задржат талентирани работници преку создавање поквалитетни места со поширок опсег на типови на домување и избор на превоз што ги ценат сите жители и посетители (Wyckoff, 2014, ibid).
Проектите за „стратешко создавање места“ вклучуваат рехабилитација на стар објект, воведување патеки во парковите, објекти за забава и места за социјални собири. Активностите вклучуваат: организирање чести циклични настани (секој квартал од годината) наменети за талентирани работници, разни уметнички, културни, забавни и рекреативни активности кои додаваат виталност на квалитетните места и привлекуваат широк спектар на корисници.
Слика 4 – стратешко создавање места во Осло – трансформација на поранешна индустриска област
Современи мали градови и концептот на создавање места
Градовите се длабоко погодени од различни предизвици, како што се економското преструктуирање и (ре)позиционирањето во глобалниот свет. Генерално, големите градови се соочуваат со процеси на физичка трансформација и социјално ребрендирање, со цел да се создадат нови можности за подобар квалитет на живот, и да се привлече внимание во однос на капиталот, туристичката посетеност и сл. Во ваквата глобална конкуренција на градовите, се поставуваат прашања за помалите градови, кои немаат големи материјални ресурси и експертиза да создадат големи и скапи промени – како да се стават малите градови на глобалната мапа?
Градовите, за да останат конкурентни, се свртуваат кон стратегии засновани на сопствените ресурси, како што се нивната историја, простор, креативност и таленти. Создавањето и промоцијата на настани како што се фестивали, претстави, изложби, саеми и спортски настани денес е клучна компонента на стратегиите за урбан развој низ светот. Откако ќе се создадат простори, тие често треба да се анимираат. Анимацијата или „живоста“ (анг. Lively city) е важна за градовите поради различни причини, вклучително и економски. Живата атмосфера ги прави луѓето да се чувствуваат добро за нивното место на живеење и придонесува градот да биде привлечен за посета, што ги поттикнува внатрешните инвестиции (Richards & Palmer 2010).
Манифестациите и настаните можат да се одредат според просторите во кои се случуваат, но можат и да ги дефинираат тие простори. Архитектурата и урбанистичкото планирање помагаат во развојот на културните настани, кои потоа ја редефинираат урбаната реалност. Архитектонските форми на јавните простори, места и арени можат или да го забрзаат или забават или да го спречат развојот на идеите за градовите како простори за манифестација (Tschumi 1994; 2001).
Во изминатите 20 години, изградбата и дизајнирањето на нови јавни простори за стекнување културни искуства станаа основа на голем број програми за урбана регенерација на градовите. Кога јавните простори во градот се намалуваат или ги губат своите функции, програмите за регенерација се сметаат за релативно едноставно и брзо решение за проблемите што се појавуваат. Според организацијата Проект за јавни простори, квалитетен јавен простор е оној кој има 4 главни елементи: пристапност, удобност, пријателство и активност (сл. 5). “Во однос на активноста, имањето нешто да се прави им дава на луѓето причина да дојдат на некое место и да се вратат. Кога нема што да се прави, просторот е празен и тоа генерално значи дека нешто не е во ред. Колку повеќе активности има, толку е подобра мешавината на луѓе (во однос на полот и возраста на поединците и групите), и колку повеќе овие активности се шират во текот на денот, толку подобро” (PPS 2024).
Слика 5 – Елементи и атрибути на квалитетен јавен простор (извор: PPS 2024)
Заклучок – Примена на концептот создавање места
Создавањето место е колективен потфат на поединци и заедници преку синергија на локалниот придонес и учество во т.н. стратегии bottom-up, во кои луѓето играат активна улога во процесите на подобрување на животната средина и управување со неа (Sorensen & Funck 2007). Ова подразбира признавање на локалните заедници како клучни актери во креирањето и управувањето со јавните простори, како и отвореност кон флексибилни, одржливи решенија кои ги почитуваат специфичните културни и социјални контексти. Концептот на создавање места обезбедува активно вклучување на заедницата во процесот на урбано планирање не само што создава попривлечни и функционални јавни простори, туку и може да го зајакне локалниот културен идентитет. Со неговата примена, се постигнува одржлив урбан развој, кој ги поврзува граѓаните и го зголемува квалитетот на животот во градовите.
*Текст објавен во списанието Пресинг, бр.65, ноември 2024 г. КОАИ
Библиографија:
Project for Public spaces (2015), “PLACE MAKING DISCUSSION PAPER – OFFICIAL PLAN REVIEW”
Project for Public Spaces (2024), “What makes a successful place?” (www.pps.org), пристапено на 13. јануари 2024
Clarke M. (2017), “The Field Guide for Parks and Creative Placemaking”, The Trust for Public Land & City Parks Alliance, San Francisco, USA
Lydon M., Bartman D., Garcia T., Preston R. & Woudstra R. (2012), “Tactical Urbanism: Short-Term Action, Long-term Change”, vol.2, The street plan collaborative, Washington DC: Island Press.
Richards, G. & Palmer, R. (2010), “Eventful cities, Cultural management and urban revitalization”, Elsevier Limited
Sorensen A., Funck, C. (2007), “Living Cities in Japan”, New York, Nissan: Nissan Institute / Routledge, Japanese Studies Series.
Tschumi, B. (1994), “Event-Cities”, Cambridge, MA: MIT Press.
Tschumi, B. (2001), “Event-Cities 2”, Cambridge, MA: MIT Press.
Wyckoff, M. (2014), “DEFINITION OF PLACEMAKING: Four Different Types”, MSU Land Policy Institute.
Wyckoff M., Neumann B., Pape G. & Schindler K. (2015), “PLACEMAKING AS AN ECONOMIC DEVELOPMENT TOOL”, MSU Land Policy Institute




